„Минималната плата ја покачивме двојно, од 8.000 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари. Штип е работнички град. Ние парите ги насочуваме кон работниците, а ВМРО-ДПМНЕ ги смешате за евтина работна рака која треба да се искористи. Знам дека работниците по македонските конфекции најдобро знаат што значи оваа разлика, што значи да се цени и почитува нечиј труд“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Штип.

Тој додаде дека со буџетот за наредната година и економскиот план, Владата тргнува во офанзива, конечно да ја победиме кризата, да почнеме да растеме и да го зголемиме животниот стандард.

„Клучните економски показатели влеваат надеж. Предвидувањата на ЕБОР се дека македонската економија во следната година ќе има раст од 2.3 отсто. Многу повеќе од проекцијата за земјите од еврозоната која изнесува 0.3 отсто. Народната банка вели дека и оваа година ќе успееме да ја завршиме со раст од над 2 проценти. Затоа ги интегриравме антикризните мерки со економски развојните политики“ рече Ковачевски.

Премиерот изјави дека наредната 2023 година е година на економска пресвртница, со политика на инвестиции, нови и добро платени работни места и енергетска транзиција со визија да станеме зелен енергетски центар во Европа.