„Внимателно ги следиме светските движења и во консултации со сите засегнати страни донесовме пакет антикризни мерки, вреден 360 милиони евра. И според прогнозите на Светска банка тоа е најголемиот пакет на антикризни мерки и поддршка за најранливите категории на граѓани и компаниите од сите земји во нашиот регион“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Крива Паланка.

Тој додаде дека во тешките месеци кои се пред нас, Владата финансиски ќе помогне на над 200 илјади граѓани, со цел полесно да се преброди кризата.

Премиерот Ковачевски исто така укажа дека Владата на СДСМ го трансформираше и системот на субвенционирање и дека од следната година, земјоделците авансно ќе добиваат дел од субвенциите за да имаат доволно пари во период кога се сее и се подготвуваат почвата и насадите.

„Јас не сум политичар којшто својата цела кариера ја поминал по кабинети и состаноци. Јас 22 години работев во приватен сектор. Целото тоа знаење кое сум го стекнал низ годините и целото искуство низ годините го ставив во функција на соодветно менаџиреање на буџетот и парите на граѓаните. Обезбедивме ликвидни средства, обезбедивме храна, енергија и струја и заштедивме околу 300 милиони евра со цел да ги намениме на оние кои им се потребни“ рече Ковачевски.