„Годинава постигнати се зголемени цени за откупено грозје, поголеми за 30 отсто во однос на претходната година. Од Интервентниот фонд обезбедивме дополнителни 2 денари за килограм откупено грозје. Лозарите и земјоделците присутни тука најдобро знаат што значи поддршката од Владата“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Кавадарци.

Тој додаде дека освен највисоките откупни цени, лозарите добиваат и субвенции од 40 илјади денари за одржување на лозовите насади, како и 4200 денари по хектар за зелена нафта.

„Со новиот модел на субвенционирање на лозарите покрај основните субвенции, како дополнителна субвенција се утврдува поддршката за винското и трпезно грозје. Посебно сакам да го нагласам ефектот што го очекуваме од новиот модел на субвенционирањето. Со новиот, т.н де-каплинг систем земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни парите“ кажа Ковачевски.

Премиерот додаде дека промените во субевнционирањето се донесени на барање од земјоделците за да имаат предвидливо и одржливо земјоделско производство, од кое бенефит освен земјоделците ќе види и државата.