Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски информира дека започнува фазата на градба на 100 мегавати сончева електрана во Осломеј. Тој од граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Гевгелија, набројувајќи ги инвестициите во енергетиката ја спомена и големата фотонапонска електрана Стипион од 400 мегавати, со развој на агрикултура од реномираната француска компанија АКУО, како и изградбата на голема ветерна електрана Вирови, од реномираната германска компанија WPD.
„Потпишани се договори за изградба на 130 мегавати фотонапонски електрани. Во следниот период ќе почне и пуштање со работа на најголемите 25 мегавати од ветерници во Свети Николе. Се очекува до крајот на 2023 во системот да се вклучат помеѓу 200 и 300 мегавати сончеви електрани. По 30 години, конечно ќе започне реализацијата на проектот ХЕЦ Чебрен. До крајот на годината ќе заврши евалуацијата и изборот на најдобар понудувач. Проектот е со проценета инвестиција од 800 милиони евра, рече Ковачевски.
Тој кажа дека македонското сонце е нашата енергетска сила и тоа набрзо ќе се покаже. Според Ковачевски тоа ќе значи повеќе зелена енергија, повеќе работни места и помали сметки.
„Ќе имавме и уште 100 милиони евра повеќе за енергетиката, ама заложникот на Левица, Христијан Мицкоски го блокираше тоа законско решение. Се што кажа Мицкоски за време на оваа криза, излезе погрешно. Велеше немало јаглен, имало за уште ден два. Над 400 дена минаа од таа лага, а јаглен за енергетските капацитети не само што има доволно туку тие и го зголемија производството за 25 отсто. Велеше немало доволно електрична енергија од домашните капацитети, а гледаме дека 100 отсто од потребите за струја на малите компании и домаќинства се покрива од домашно производство. Толку му е познавањето на Мицкоски од енергетика, не знае ниту економија“, кажа Ковачевски.