Нашите мерки ја стабилизираа економијата, рече од граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Гевгелија, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој кажа дека е обезбедена стабилност во енергетскиот сектор, но уште поважно има поддршка за граѓаните и компаниите.
„Електричната енергија за сите домаќинства и за 72.000 мали потрошувачи ја субвенционираме со 80% од реалната цена. Струја обезбедена од 100% домашно производство. Обезбедивме топли училници и непречено одвивање на наставата, 365 основни и 109 средни училишта и здравствените установи добиваат поевтина струја. Јас со мојот тим во Владата работам деноноќно за сето ова да функционира, да имаме доволно храна, струја, енергенси. Тежок период е, даваме се од себе и така ќе продолжиме“, потенцира Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека со последната мерка на Владата обезбедена е поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, а резултатите веќе се видливи.
„Одредени производители ја намалија цената на лебот, очекувам во наредните денови до 10% намалување на цените на основните прехранбени производи.
Исто како и вас и јас пазарувам и знам колку се покачени цените, но правиме се да ги ублажиме последиците од глобалната криза“, истакна Ковачевски.
Тој повтори дека само со последниот пакет мерки се помогнати околу 200.000 граѓани, доминантно од ранливите категории граѓани.
„Претходно, уште во првите 100 дена од мандатот на оваа Влада минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари. Двојно повеќе отколку во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Пензиите за 6 месеци ги зголемивме за 10 отсто, односно за шест месеци за 1.500 денари ја зголемивме просечната пензија. И нема да застанеме тука, пензиите ќе продолжат да растат. Обезбедени се пари со буџетот за 2023 година за растот на минималната плата и раст на пензиите. За една календарска година тоа ќе значи 16% поголеми пензии за сите 330.000 пензионери“, кажа Ковачевски.