„Левица и Димитар Апасиев имаат јасна агенда да го попречат патот кон ЕУ“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Гевгелија. Тој смета дека овој политички субјект кој многумина го потценуваат е сериозна препрека на европскиот пат.

„Не ги потценувајте, како што изминуваат деновите Левица ќе го земе Мицкоски како нивни заложник. Мицкоски е слаб, нема визија, нема став, тој е обичен послушник на Никола Груевски“, истакна во обраќањето Ковачевски, додавајќи дека нивната политика нема да ја направи земјата посилна, туку послаба ако запреме на патот кон ЕУ.
Според него, доколку ваквите сили добијат моќ, ќе секне помошта од ЕУ, ќе немаме пристап до европските фондови, ќе завладее неизвесност, а младите ќе побегнат во други европски земји. Македонскиот идентитет, како што додава Ковачевски, повторно ќе биде доведуван под прашање, а се што досега сме постигнале ќе го загубиме.
„Ако не дај Боже ова дуо дојде до таква моќ, може да се разбудите наутро со лажно чувство на гордост. Но и гладни, сами, затоа што вашите деца си заминале, без иднина, затоа што вашата земја ќе биде изолирана. Не се лажете – пироманите од Левица се посилни затоа што Мицковски станува се послаб. Тие носат опасност од непромислен популизам, а јас нема да дозволам тоа да и се случи на земјата што ја сакам“, додаде Ковачевски.
Тој истакна дека Европската унија е нашата најдобра опција за сигурна македонска иднина и не смееме да дозволиме да ја загрози било кој.