„Јас реков дека нема да седам по кабинети, туку ќе бидам со граѓаните. Тука сум заедно со вас, со граѓаните. Ги слушам и ги следам вашите мислења и ставови, пофалби и критики. Сакам да зборувам со вас за мерките и политиките на СДСМ, за мојата и нашата визија за иднината на нашата македонска држава“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Битола.

Тој додаде дека ќе ги искористи граѓанските трибини за да даде отчет за сработеното, но и да ги слушне предлозите, забелешките и мислењата на граѓаните.

„Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. На тоа сум посветен, на тоа работам. Да бидеме горди Македонци во ЕУ, да седиме на големата маса во Брисел рамноправни, силни и побогати од денеска. Се грижиме за граѓаните и за стандардот, но и гледаме напред, за нашите деца да можат горди и со крената глава да ја градат својата иднина дома, во земја членка на ЕУ“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека многу работи се променија на политичката сцена по неговото доаѓање на позицијата, но дека од политичките земјотреси и неизвесност се стигна до целосна политичка стабилност и отворени преговори со ЕУ.