„Новото окрупнето парламентарно мнозинство ќе даде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за продолжувањето по европскиот пат и за остварувањето на полноправното членство во ЕУ и на стратешкото партнерство со САД, како и на реализацијата на Програмата на Владата“ рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието.

Тој додаде дека Алтернатива донесе одлука за излегување од Владата и се заблагодари за нивната досегашна соработка.

„За перформансите на сите нивни министри имам свое мислење, како што за истото мислење имаат сите граѓани. Во сите ресори има прогрес и успеси, како што има и проблеми и потреба за многу повеќе! Има и резултати, но има и грешки, кои мора да се констатираат и корегираат. Но, сето тоа мора да биде направено низ објективен процес, без поделби на наши и важи, на Македонци или Албанци, бидејќи и успехот и грешките имаат име и презиме“ рече Ковачевски.

Премиерот рече дека Алијанса за Албанците ја прифати одговорноста за поддршка на европскиот фронт и дека оваа реконструкција на Владата ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата.