„Со иницијативата Отворен Балкан целиот регион ќе стане попривлечен за ЕУ. Ниту една голема компанија нема да замижи пред голем пазар од 20 милиони луѓе. Крајната цел на отворен Балкан е една царинска унија во која слободно ќе се тргува и ќе се инвестира капитал“ изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека во моментот во иницијативата се работи на единствен ИД број за да се овозможи работа во трите земји без посебни дозволи и лиценци. Ваквиот број ќе важи во сите држави и нема да има потреба од дополнителна работна дозвола на секоја недела или секој месец.

„Оваа иницијатива по сите основи на економската логика е позитивна- креира поголем пазар на капитал, можности размена, како и зголемување на БДП на регионот“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека очекува на следниот самит во Охрид да се приклучат и други земји од Западниот Балкан во иницијативата, со што таа ќе може да носи бенефит за сите шест земји од регионот.