„Тие што нашите обврски кон граѓаните ги заборавиле или не ги исполнуваат, одговорно ви велам дека ќе им се заблагодариме. Ниту имаме можност, ниту смееме, ниту ќе дозволам толеранција кон неефикасност, неспособност, нечесност. Јавно кажувам. Мора да има ред, знаење и работа. Мора да има дисциплина“ рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.

Тој додаде дека нема намера заради малкумина да се загрози се што е направенои се што треба да се направи за оваа држава и народот да одат напред.

„Нашите вредности и принципи мора целосно да ги спроведеме. И во економијата, како што правиме, и во демократскиот систем, како што правиме, и во борбата против криминалот и корупцијата, каде што има уште многу што да се прави, каде мора да се сработи повеќе. Бидејќи така ветивме, и мора да испорачаме и исполниме. Тоа е приоритет“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека со работа, чесност и ефикасност може да се спротивставиме на сите кои сакаат да застанат на европскиот пат на земјава и да продолжиме напред.

Ковачевски рече дека е разочаран од уште едниот пораз на правната држава и доказот за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи и порача дека судството мора да најде начин да биде поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и во интерес на граѓаните.

„Но јас секогаш кажувам и вечерва ќе повторам, судството е независно, и јас никогаш нема да се мешам во ниту еден судски процес, судницата не е место за решавање политички проблеми. Ако некој се плаши од враќање на стариот режим, одговорот ќе биде на изборите. Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори и да ги спречи учениците на Груевски да се вратат на власт“ рече Ковачевски.