Создаваме европска и држава според НАТО стандарди, во која обезбедуваме подобри услови за работа на Армијата и Полицијата, истакна премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата посветена на реализацијата на капитални инвестиции.

-Министерството за одбрана e силно посветено на модернизација на системот за одбрана и во 2022 година продолжи континуирано да вложува максимални напори за унапредување на одбранбените способности и капацитети. Министерството за одбрана во 2022 година продолжи со реализацијата на неколку капитални, повеќегодишни проекти за набавка на современа и софистицирана опрема за Армијата. Согласно договорите Влада-со-Влада, во тек е набавка на лесни оклопни возила JLTV Oshkosh од кои во 2022 година пристигнаа 6 возила. Во следниот период оваа година се очекуваат уште 27 од вкупната набавка на 96 возила. Склучен е и договорот за набавка на лесни оклопни возила за специјални сили (STRYKER) од САД, кажа Ковачевски.

Премиерот информира дека во 2022 година, се потпиша и договорот за набавка на опрема за противвоздушна одбрана со Република Франција.

-Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата. Во изминатите две децении не беше извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана, кој е потребен, пред сè, за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија. Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во 2022 година, склучени се и договорите за набавка на артилериски системи во соработка со Турција, како и за ремонт на два транспортни хеликопетери Ми -8МТ во соработка со Чешка.