„Владата останува на својата заложба за зголемување на минималната плата и затоа идната недела започнува економско-социјалниот дијалог за нејзино ново зголемување. Ако некој бил за зголемување на минималната плата, тогаш тоа биле Владата на СДСМ и да не заборавиме дека минималната плата беше 9.000 денари, сега е над 15 илјади денари“, рече во интервју за Националната радиотелевизија премиерот Димитар Ковачевски.

„Јас бев еден од поддржувачите кои што сметаат дека треба да се качи платата од 9 до 15 илјади денари бидејќи учествував во правењето на таа економска програма со другите членови на тимот кои што ја правеа во тоа време. Јас исто така бев тој кој што кажа дека минималната плата треба да се зголеми, меѓутоа и тогаш и сега минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалог. Зошто? Бидејќи минималната плата не може да биде еднострана одлука, административна бидејќи тука се засегнати компаниите“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека Владата постојано креира политики за поддршка на компаниите за да ја одржуваат продуктивноста за да има реален раст на минималната плата.

„Затоа државата им стои на располагање и на работниците и на работодавачите. Веќе во понеделник има закажано состанок помеѓу синдикатот, Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерката за труд и социјална политика и Министерот за информатичко општество и администрација, на којшто ќе се разгледаат сите барања на синдикатот. Потоа веднаш ќе отпочне економско-социјалниот дијалог со стопанските комори и другите претставници на работодавачите. Така беше и минатиот пат, така беше и при воведувањето на недела неработен ден. Што значи дека Владата останува на својата заложба за зголемување на минималната плата“, рече претседателот на Владата Ковачевски во интервјуто за јавниот радиодифузен сервис.