Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска, беа во обиколка на еден од маркетите во Скопје, со цел да се види состојбата со продажбата на тестенините и млечните производи.

„Како продолжение на нашата одлука за замрзнување на цената на лебот, а по направените анализи, донесовме одлука за замрзнување, односно намалување за 15% и на цената на дел од тестенините. На дел од млечните производи, меѓу кои кравјото млеко, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот, цената предвидовме да се намали за 10 отсто, споредено со цената од 1 март оваа година. Денес можевме сите да се увериме дека ова намалување на цените се почитува од страна на производителите и од страна на трговците и истото се однесува како на намалувањето на цената на лебот, така и на замрзувањето на цените на тестенините, односно намалување и на цените на млечните производи кои ги набројав. Се виде дека низ работа може да се постигне она кое во интерес на граѓаните. Затоа и ги носиме овие одлуки, бидејќи знаеме, а тоа го покажаа и анализите, дека намалувањето на цените на овие производи битно ќе влијае врз џебот на граѓаните, односно ќе се создадат олеснувања за семејниот буџет“, изјави премиерот Ковачевски, при посетата на маркетот, заблагодарувајќи се на министерот за економија, Крешник Бектеши, како и на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, и на производителите и трговците за напорите при носењето на одлуките.

Тој потсети на двата пакети антикризни мерки од над 760 милиони евра, кој пакет, од Светска Банка е оценет како најголем во регионот и додаде дека помошта за компаниите и граѓаните ќе продолжи и годинава.

„Многу пати сум кажал-никого нема да оставиме сам да се справува со кризата, но и нема да дозволиме личното профитерство да се остварува врз грбот на граѓаните, посебно сега, кога последиците од кризата се немилосрдни врз светските големи, економии, а од бранот на поскапувања и затворања на компании и работни места не е изоставена ниту една држава во светот. И годинава ќе продолжиме да ги поддржуваме компаниите и граѓаните. Но, нема да дозволиме неоправдано покачување на цените и пореметување на пазарот, а со тоа и загрозување на стандардот на граѓаните поради лични интереси“, нагласи премиерот Ковачевски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши кажа дека политиките и мерките кои што ги носи Министерството за економија и Владата ги даваат резултатите.

„Цените на основните прехранбени производи се намалуваат. Министерството за економија прави анализи на дневна основа и нема да дозволиме никакво профитирање, а уште помалку кризата да биде врз грбот на граѓаните. Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат насочени кон стопанството и граѓаните. Внимателно ги следиме сите случувања со движењето на цените на сите основни прехранбени производи. Ги повикувам коморите и компаниите да покажат општествена одговорност и самите да ги намалат цените на производите, со оглед на намалување на цените на суровините на светските берзи. Ако тие покажат дека се совесни и ги намалат сами цените, ние ќе излеземе со нови мерки за поддршка“, потенцираше министерот за економија, Бектеши.

Тој ја најави можноста за нови мерки, додавајќи дека во моментов се прават анализи.

„До утре ќе ги имам анализите за цените на шеќерот, јајцата и оризот, и до крај на денот ќе го информирам премиерот, дали има можности како кај другите производи да се реагира“, рече министерот за економија, Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги поздрави одлуките на Владата, оценувајќи дека тие се во интерес на сите граѓани. Тој рече дека подетални информации ќе имаат откако ќе ја увидат фактичката состојба.

„Во моментов, досега има намалување на цените. Повеќе од 160 инспектори се на терен во целата наша држава. И како што кажав претходно, во текот на денот ќе излеземе со подетални информации и апелирам како директор, бидејќи имаше шест дена период да се прилагодат трговците за почитување на оваа одлука, апелирам истото тоа да го направат, бидејќи во Законот за трговија и санкциите се високи, од 800 до 10.000 евра. А ние, како Државен пазарен инспекторат постапуваме по сите закони и без никаква селекција ќе ги вршиме надзорите максимално до крај и по закон“, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Трајковски.