„Русија сметаше на неединството на НАТО и на Европа, меѓутоа се покажа дека Европа и Алијансата не биле никогаш поединствени од тоа што се денес и сите заедно работат на стратегии и за меѓусебна помош во овие исклучително тешки услови во Европа“ рече премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА по самитот на НАТО.

Тој додаде дека економската криза го зафати целиот свет, но дека соработката и односите меѓу западните сојузници помагаат сите полесно да ја пребродат кризата.

„Јас денес имав и неколку билатерални средби на маргините на самитот, со германскиот канцелар, со претседателот и со премиерот на Бугарија, со претседателот на Хрватска и со други претседатели и премиери каде што главна дискусија беше меѓусебната помош и соработка во вакви услови во светската економија коишто се предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина“ рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека доколку има евентуален прекин на снабдувањето со гас во земјава, дека се прават анализи за алтернативно снабдување со ЛНГ гас преку пристаништето во Солун и преку другите околни пристаништа.