„Прво неодговорно е да се блокира држава во време на криза и сметам дека тоа е реторика која што не треба да се прави. Пристапот ќе биде ист како што беше и за зголемувањето на минималната плата. Зголемувањето на минималната плата се направи низ дијалог со синдикатите каде што не беа присутни само репрезентативните синдикати туку ние инсистиравме да бидат присутни сите синдикати и беа присутни сите организации на работодавачите . Пред тоа јас лично одржав состанок и со стопанските комори на кој разговаравме за минималната плата и посетив голем дел од производителите во ТИРЗ на оваа тема за да може да имаме увид во однос на сите кои учествуават во производствениот процес и во исплатата на платите во државата. Низ тој процес дојдовме до решение минималната плата да се зголеми на 18.000 денари. Сметам дека тоа е достоинствено во однос на граѓаните затоа што секој работник заслужува да биде вреднуван, јас сметам дека и тие 18.000 денари не се доволно, но сепак ако ја погледнеме оваа Влада и нејзината политика, минималната плата кога СДСМ ја презеде Владата беше 9.000 денари, некоои индустрии и под 9.000 денари – сега имаме зголемување за 100% на минималната плата.“- изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за телевизија Сител.

„Во моментов со две минимални плати се покрива цела потрошувачка кошничка, пред пет години требаше четири плати, односно 4,25 минимални плати за да се покрие потрошувачката кошничка. Тоа е најдобар доказ за економската политика која ја води оваа Влада, а тоа е да се зголемува животниот стандарт на граѓаните и парите да не се трошат во непродуктивни расходи од кои никој нема никаков бенефит.“- дополни Ковачевски.