Денеска, одбележуваме три години од зачленувањето во НАТО, најголемиот и најмоќен безбедносен сојуз во светот, истакна пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

„Во 2020 година Собранието го усвои северноатлантскиот протокол, со што беше остварен последниот чекор кон зачленувањето во НАТО. Со тоа, парламентарното мнозинство, Владата и институциите предводени од СДСМ ја остварија една од двете стратешки цели на државата. Членството во НАТО донесе безбедност и сигурност на државата, но и просперитет и нови можности за развој. Со станувањето 30-та земја членка на НАТО и нашата економија стана поконкурентна и поатрактивна за нови големи странски инвестиции, а доказ за тоа е и рекордниот износ во 2022 од 735,8 милиони евра директни странски инвестиции“, рече Костовски.

Според него, колку е важно што сме членка на НАТО се покажува и во овој период на руска агресија во Украина.

Оценува дека иако беснее војна низ Европа, ние сме заштитени, со неповредливост на територијалниот интегритет.

„За жал, и при реализација на оваа стратешка цел гледавме неодговорно и несериозно однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Сите паметиме како Христијан Мицкоски овде во Собранието не смогна сили и не аплаудира при ратификацијата на членството во НАТО. Денес, истиот тој Мицкоски и истата таа ВМРО-ДПМНЕ се противат на интеграцијата на државата во ЕУ. Додека СДСМ со коалициските партнери носи државнички одлуки и ги реализира стратешките цели, ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во ниту еден државнички процес, нема донесено ниту една одлука за иднината на граѓаните“, рече Костовски.

Додаде дека по реализација на првата, следува остварување и на втората стратешка цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ.