– Годинава за културата во Општина Охрид се издвоени повеќе средства за разлика од лани, односно сите институции од областа на културата во 2022 година добија поголем буџет – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која вчера ги посети националните културни установи во Охрид.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Охрид поседува ретко светско природно и културно богатство и имаме обврска да го зачуваме, и во таа смисла, посочи дека Заводот и музеј од Охрид доби четири милиони денари повеќе од минатата година.

Со средства од над 12 милиони денари, ќе реализираат 30 проекти од сите сегменти за заштитата на културното наследство.

Министерката за култура нагласи дека најголем буџет од Министерството за култура е издвоен за почнувањето на конзерваторско-реставраторските работи на заштитените градби, какви што се: Куќата на Момирови која е во сопственост на НУ Завод и музеј – Охрид и е лоцирана веднаш над Античкиот театар, Куќата на Калајџиеви од с. Вевчани, како и зградата на ул. „Партизанска“ б. б. од Струга, за кои се обезбедени вкупно осум милиони денари.
Продолжуваат систематските археолошки ископувања на Самуиловата тврдина, а по долгогодишна пауза, стручните екипи повторно ќе се навратат на локалитетот Плаошник. Ќе започне и реализација на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата на базиликата од ранохристијанскиот период кај „Св. Еразмо“.

– Обезбедивме средства за осовременување и подобрување на условите во изложбениот простор во музејот Куќата на Робевци и во Галеријата на икони, како и за збогатување на етнолошката збирка со виолината на познатиот охридски трубадур Климе Садило – рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека ќе продолжи постапката за доопремување со техничка опрема на конзерваторските лаборатории од НУ Завод и музеј – Охрид, во кои секоја година се конзервираат и реставрираат голем број движни наоди од музејските збирки.

Повеќе средства од буџетот на Министерството за култура за 2022 година се издвоени и за Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, каде што и годинава ќе се реализираат многубројни проекти, меѓу кои се манифестациите со традиционален карактер – „Прличеви беседи“ и „Балкански фестивал“. Министерството за култура издвои средства за набавка на нова светлосна лед-опрема за потребите на Театарот и на сите придружни манифестации што се одржуваат во установата, како и за промена на дел од застарената столарија.

Костадиновска-Стојчевска го изрази задоволството од функционирањето на Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, која ќе реализира девет проекти, а наскоро во Библиотеката ќе биде отворено Италијанското катче за чие опремување се очекува помош и од Италијанската амбасада во Скопје.

Значително поголем буџет е издвоен и за фестивалот „Охридско лето“, кој за годинaшната фестивалска програма доби 32 милионa денари од Министерството за култура, за разлика од лани кога доби поддршка од 20 милиони денари.

– Ова се само мал дел од проектите со кои потврдуваме дека се грижиме за културата, за уметничките дострели и за креативните модели на Охрид како голем културен центар во Република Северна Македонија и на Балканот – рече Костадиновска-Стојчевска.