– Како што според зборовите на американскиот поет Роберт Фрост: „Секоја песна започнува со кнедла во грло“, ќе бидам искрена, и јас го почнувам овој говор со тоа чувство. Во свет во кој поезијата сѐ помалку ја има, а сѐ повеќе ни треба и ако поезијата е кралица на литературниот израз, тогаш Струга е светска престолнина на поезијата и вечерва – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 61-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

– Младите, за жал, сѐ помалку читаат. Ги нарекуваат генерации на слики, а не на зборови. И, за жал, воопшто, како сите сѐ помалку да комуницираме и сѐ помалку да зборуваме. Најубавите зборови од мајчините јазици ги заменуваме со „емотикони“. А каде е зборот, каде се чувствата?! – запраша министерката.

– Затоа – додаде таа – Струшките вечери на поезијата се отрезнувачка опомена, а поетите се наши исцелители.

– Ќе се запали фестивалскиот оган, од Мостот на поезијата ќе ги понесе Дрим вашите стихови, ќе се отвори хоризонтот над Охридското Езеро и тој син бескрај ќе ви остане во очите засекогаш. А нам, за возврат, подарете ни убав збор, убава песна та макар почната и со „кнедла во грлото“ – порача Костадиновска-Стојчевска.

Манифестацијата беше отворена на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.

Во следните фестивалски денови на „Струшките вечери на поезијата“ ќе може да се чујат 24 поети од странство и 30-ина од државава.