Во работната група за Законот за култура активно учествуваат синдикатите, рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето во „Топ тема“. Таа кажа дека освен официјалните институции за текстот на новиот Закон за култура треба да се праша и независната сцена и други сегменти од секторот.

-Културата не е само составена од институции, тука е и независна сцена, па потоа да ги видиме и синдикатите. И Синдикатот за култура и СОНК
активно учествуваат во изработката на новиот Закон за култура. Законот треба да претрпи промени, бидејќи постоечкиот текст не ја отсликува моменталната состојба во културата, кажа министерката.

Зборувајќи за најавената децентрализација таа кажа дека одредени права од областа на културата ќе се префрлат на општините, бидејќи засега единствено Министерството обезбедува средства за плати, трошоци и издатоци.

-51,7% од целокупниот буџет за културата се одвојува за плати, кажа Костадиновска-Стојчевска.

Таа исто така кажа дека секој акт за систематизација е променлив и секој што напредува во институцијата треба да биде соодветно награден.

-Онаму каде што е прекршен колективниот договор дадов укажувања и ние следиме дали прекршувања што се констатирани во меѓувреме се исправени, рече министерката.