„Годишниот конкурс за поддршка на проекти по прв пат се спроведе на националниот портал Е-услуги и за прв пат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на презентацијата на резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023-та година.

Таа додаде дека и во самите извештаите на комисиите е потенцирано дека со целосно аплицирање на електронскиот начин, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите.

„Оваа година е избегната претходно констатираната практика – проекти со нецелосна или несоодветна документација да бидат предмет на разгледување од страна на Комисиите, со што се губеше драгоцено време и се отвораа сомнежи за евентуално прогледување ‘низ прсти’“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура.