„На почетокот на следната недела мандатарот ќе го достави составот на новата влада до Собранието. Нешто пред тоа, тој состав ќе биде доставен до Централниот одбор на партијата, каде што ќе треба да биде изгласан“ кажа потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска во вестите на ТВ24.

Таа одби да ги коментира шпекулациите дека пратеничката функција ќе ја замени со министерска и додаде дека во моментов траат договорите и преговорите во партијата, а конечните решенија ќе ги соопшти мандатарот Димитар Ковачевски.

Костадиновска Стојчевска напомена дека новите кадри на Ковачевски во партијата може да придонесат кон напредокот на државата со нивната стручност и ги отфрли обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека дел од избраните во Извршниот одбор се противзаконски поставени.

„Во статутот на партиајта стои кои тела се политички како претседател, заменик-претседател и потпретседатели, додека Извршниот одбор е само извршно тело. Нивната вчерашна прес-конференција е показател за стравот од новите кадри на Ковачевски, бидејќи тие може да придонесат со нивната стручност“ кажа Костадиновска Стојчевска.