Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е во дводневна работна посета на Република Албанија.

Денеска во Тирана, министерката Костадиновска-Стојчевска се сретна со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, при што главна тема на разговор беше работата на Меѓудржавниот комитет за управување со Охридскиот регион.

Во тој контекст стана збор и за формирањето на постојан секретаријат составен од релевантни експерти од двете страни, изработката на заеднички стратегиски план со дефинирани цели, иницијативи и проекти за заштита и рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион како исклучителна вредност.

На средбата се разговараше и за изработката на заедничките извештаи за состојбата со заштитата и напредокот во спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство и за заедничкото дипломатско делување при организациите на ОН и ЕУ.

Костадиновска-Стојчевска и Маргарити меѓусебно се информираа за реализација на последната фаза од повеќегодишниот сложен процес на реиституција на македонските икони кои се во Албанија, а и ги споделија искуствата околу нормативното уредување во сферата на заштитата на културното наследство.

Министерките на двете земји изразија задоволството од досегашната соработка во културата меѓу двете земји и се согласија дека има простор за уште подлабоко интензивирање на соработката и на индивидуално и на институционално ниво. Особено беше потенциран позитивниот пример на соработка со Музејот на албанската азбука во Битола.

На средбата на која присуствуваше и амбасадорот на Северна Македонија во Тирана, Данчо Марковски, се разговараше за процесите кои може да се отворат со поголема размена во областа на културата на двете земји со Косово, како и за поефикасно учество и аплицирање на грантовите за култура во програмата Креативна Европа.

Добрата културна соработка се потврди и со отворањето на Македонскиот културно – информативниот центар во Тирана, каде во текот на годинава со поддршка на Министерството за култура ќе се реализираат повеќе културни настани, промоции на книги, концерти и изложби на кои македонските уметници ќе се претстават пред јавноста во Тирана.