Уште во јули минатата година претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја започна сагата во потрага по ново парламентарно мнозинство. По се изгледа, десетте најави на лидерот на опозицијата за ново парламентарно мнозинство кое ќе доведе до формирање на нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пропаднаа во вода.

Тој на 21 јули 2020 година беше овластен од Централниот комитет на партијата да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство, но бидејќи тоа нема да се заокружи со нов владин состав на чело со опозицијата, Мицкоски најверојатно ги изневери очекувањата на раководството.

Тој по интерпелацијата на виепремиерот Никола Димитров најави ново парламентарно мнозинство кое би гласало за недоверба на Владата или за формирање нова Влада. Сличната најава ја даде и на први јуни годинава, додека пак кон крајот на август најави мнозинство со кое ќе ги решава акутните проблеми како криминалот, корупцијата, отсуството на реформи. Мицкоски на трети септември годинава одново најави нова Влада.

-Ако ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата победат на 17 октомври, ново парламентарно мнозинство и нова влада ќе има меѓу двата круга, односно веќе во периодот меѓу 17 и 31 октомври, рече Мицкоски на партиски настан во општината Ѓорче Петров.

Сепак, два дена по 17 октомври Мицкоски продолжи да најавува ново парламентарно мнозинство, овојпат изоставајќи да спомене и дека ќе формира нова Влада.

Се поставува прашањето дали евентуалниот неуспех на Мицкоски со расколебаното ново мнозинство да формира и нова Влада ќе го засили револтот кај сопствените поддржувачи и може ли да се очекува потег налик на оној претседателот на СДСМ, Зоран Заев.