Периодов јасно се гледа дека постои поделбата на проевропски и анти-ЕУ блок, рече пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ во гостувањето во Телма телевизија. Тој обвини дека во однос на процесот на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ „измислува приказни“. Коциќ порача пратениците да се однесуваат разумно со цел државата и граѓаните да одат напред, зашто во спротивно ќе се појави бесперспективност во општеството.

-Доколку успееме да го продолжиме преговорачкиот процес и еден ден во 2027 или 2030 година станеме членка на Европската Унија, тогаш 99 проценти од Македонците што зеле бугарски пасош ќе ги вратат, а тоа му смета на ВМРО-ДПМНЕ. Со постигнувањето на стандардите што ќе ги наложи ЕУ ќе имаме обврска за реформи во судството, здравството, образованието и други области. Со тоа младите ќе останат тука и ќе имаме и ред други придобивки. Сето ова би било обратно ако не се изгласаат уставните измени. Односно ќе се земаат уште бугарски пасоши и младите ќе се селат, кажа Коциќ.

Тој изрази уверување дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат процесот на уставните измени.