Министерството за одбрана доцна синоќа објави дека ќе поведе интерна истрага за тоа кој ги објавил документите на социјалните мрежи според кој премиерот Димитар Ковачевски е прогласен за „трајно неспособен“ да биде воено мобилизиран за време на воениот конфликт во 2001.

Според министерството, се работи за „строго доверлив“ документ кој протекол од архивите.

„Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“. Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина.

Министерството за одбрана ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата“, се огласи Министерството за одбрана.

ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот и наедно полковник, Драган Ковачки, го повикаа Ковачевски да се произнесе по овие наводи. Премиерот преку соопштение одговори дека имал оперативен зафат и дека опозицијата се користи со „ниски удари“.