Веројатно веќе сте забележале дека сите живееме во општество кое бара од нас да бидеме сè поефикасни. Во последните 50 години сè тргна на полошо, вели д-р Слободан Ного, невропсихијатар.

Во приватните и јавните институции, какви и да се, од нас се бара да работиме повеќе и побрзо, но и подобро и поевтино.

Вратете ја силата
– Таа нова економска парадигма нè доведе до нова определба да бидеме успешни постојано, да постигнуваме максимални резултати. А кога ќе стигнеме до нив, тргнуваме во потрага по уште повпечатливи резултати, со уште повеќе барања и амбиции. А, ако погледнете внимателно, ќе забележите дека истата шема ја применуваме и на нашите деца – вели д-р Ного.

Лично, додава тој, му се допаѓа идејата за успех. Тој смета дека желбата да се биде успешен во животот е важна вредност.

– Да се биде успешен на краток рок е релативно лесно. Но, многу потешко е да се одржи такво темпо долго време. Лесно е да се победи еднаш. Но, да се биде победник во континуитет не е секогаш лесно – смета д-р Ного.

– Успешна и ефикасна личност се станува со учење како да се релаксираме и одмораме. Затоа што кога треба да бидете ефективни долго време, треба да можете да ја вратите силата. Можете да се опоравите само кога сами ќе си дадете одмор. Во животот мора да застанете за да се одморите – вели д-р Ного.

Вистински одмор
Кога правите пауза, советува невропсихијатарот, престанувате да работите некое време, но тоа не ве спречува да продолжите да размислувате за работата. Не работите, но сте активни.

– Вистинскиот одмор е влегување во неактивност, која вклучува задолжително закрепнување на физички, психички, емоционален и енергетски план. Мора да научите како да направите одмор за себе. Ако научите да одмарате, ќе станете многу поефикасни во секојдневниот живот – истакнува д-р Ного.

Организацијата е важна
– Научете да се организирате, советува д-р Ного, само еден слободен ден во неделата. И секој ден најмалку 30 минути, или подобро еден час, не правете ништо. Со други зборови, за време на вашиот одмор исклучете сè и станете недостапни за надворешниот свет. Препорачувам кратка прошетка на чист воздух, но оставете го телефонот дома – советува д-р Ного.