Руската армија никогаш нема да го окупира Киев, изјави денеска словенечкиот премиер Јанез Јанша, зборувајќи за впечатоците за време на престојот во главниот град на Украина, кој во вторникот го посети заедно со полскиот и чешкиот премиер кога разговараше со украинското раководство.

Во изјава за словенечката телевизија, Јанша рече дека тоа е посета на охрабрување на украинските лидери, пренесува Хина.

„Првенствено, таа посета беше показател дека не ја отпишавме Украина“, нагласи Јанша, додавајќи дека бројни дипломати, претставници на меѓународни организации и корпорации се повлекле од главниот град на Украина уште пред рускиот напад врз Украина.

За нив тоа беше знак дека не се отпишани, дека не се работи само за поддршка од далеку, туку дека некој верувал дека ќе се бранат и ќе победат“, додаде Јанша. Според него, нападите врз центарот на Киев се релативно ретки и градот не е опколен.

„Киев е напаѓан од исток и од запад, но силите што го напаѓаат градот се премногу слаби за да го освојат. Руската армија никогаш нема да го освои Киев“, нагласи словенечкиот премиер.