Луѓето со седентарен начин на живот и нездрави навики за спиење, кои вклучуваат останување будни до доцна, ‘рчење и дремење во фотелја, се изложени на висок ризик за развој на замастен црн дроб, според новото истражување објавено во Журналот за клиничка ендокринологија и метаболизам.

Водечка хронична болест на црниот дроб
Заболувањето на замастен црн дроб е водечка хронична болест на црниот дроб во светот, а една неодамнешна студија сугерира дека моментално една третина од возрасната популација во Европа страда од заболување на црниот дроб.

Најчеста е безалкохолната масна болест на црниот дроб (NAFLD), која се јавува како резултат на „модерниот начин на живот“ кај луѓето кои не консумираат алкохол.

Дебелината и дијабетесот се значајни фактори на ризик за оваа болест, која погодува повеќе од 115 милиони луѓе ширум светот.

Се карактеризира со формирање на прекумерни масни наслаги во црниот дроб, што доведува до воспаление и лузни (фиброза).

На глобално ниво, се проценува дека до 2030 година, двојно повеќе луѓе (околу 357 милиони од нив) ќе имаат проблеми со замастен црн дроб, бидејќи симптомите често не се очигледни и болеста останува недијагностицирана, игнорирана и нетретирана. Ова е значаен проблем бидејќи непризнатата и нетретирана масна болест на црниот дроб може да напредува до цироза, рак и потреба од трансплантација на црн дроб.

Што откри новото истражување?
Во новото кинеско истражување, истражувачите го анализирале однесувањето на повеќе од пет илјади возрасни пред спиење и откриле дека доцното спиење, ‘рчењето и дневните дремки од повеќе од 30 минути се значително поврзани со зголемен ризик од заболување на замастен црн дроб.

Умерено подобрување на квалитетот на сонот доведе до намалување на ризикот од замастен црн дроб за 29 отсто.

Луѓето со седентарен начин на живот и абдоминална дебелина имале поизразени негативни ефекти од лошиот квалитет на сон од другите.

„Луѓето со лош ноќен сон и долги дневни дремки имаат најголем ризик од развој на заболување на замастен црн дроб. Нашата студија дава докази дека дури и скромното подобрување на квалитетот на сонот е доволно за да се намали ризикот од заболување на замастен црн дроб, особено кај оние со нездрав начин на живот“, рече др. Јан Лиу од Општата лабораторија за храна, исхрана и здравје во провинцијата Гуангдонг и Универзитетот Сун Јат-сен во Гуангжу, Кина.

Тој додава дека, „со оглед на тоа што голем дел од испитаниците кои страдаат од лош квалитет на спиење се недоволно дијагностицирани и недоволно третирани, студијата повикува на повеќе истражувања во оваа област и стратегии за подобрување на квалитетот на сонот“.