Рускиот олигарх Михаил Фридман во интервју за Blomberg истакна дека не знае како да живее откако пред три недели се најде под санкции.

Имено, Фридман, кој според индексот на милијардери на Бломберг моментално има нето богатство од 10,1 милијарди долари, беше санкциониран од ЕУ на 28 февруари, а Велика Британија на 15 март. Тој тогаш ги опиша санкциите на ЕУ како „неосновани и неправедни“ и најави дека ќе ги оспори.

Блумберг пишува дека од почетокот на инвазијата на Украина, богатството на Фридман паднало за четири милијарди долари.

Фридман, кој исто така е ко-основач на лондонската инвестициска компанија LetterOne и поранешен член на управниот одбор на руската банкарска групација Алфа-Банк, за Блумберг изјави дека санкциите значат и дека неговата последна валидна британска банкарска картичка е замрзната.

Тој тврди дека моментално живее во ОК, има џепарлак од 2.500 фунти (3.300 долари) месечно и мора да аплицира до британската влада за да добие дозвола да ги потроши парите.