Со отстранување на бариерите за вработување, државјаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе може да работат во сите држави со единствен идентификациски број, без било какви дополнителни процедури.

Ваквиот договор го потпишаа Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев кон крајот на минатата година, а според националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции, Нола Исмајлоска-Старова веќе летово се очекува да се тргнат работните дозволи.

„Договорот за слободен пристап до пазарот на труд е веќе потпишан во декември. Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување (АВРСМ) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се веќе во постапка, го подготвуваме протоколот по однос на ова ослободување, во консултација и со МНР и технички лица. Очекуваме веќе летово да се тргнат работните дозволи. Тоа го бараат и фирмите кои веќе имаат развиени соработки во трите држави“ изјави Исмајлоска-Старова за НоваТВ.

Ваквите договори ќе креираат нов имиџ за конкурентноста на регионот, бидејќи компаниите ќе може да сметаат на работната сила на трите држави, што ќе влијае и на конкурентноста на пазарот на труд и растот на платите.

„Мобилноста, конкурентноста и инвестициите се услов за растот на секоја економија. Кога пазарот на труд станува поголем, тоа иницира и борба на квалитет и тогаш растот на платите ќе дојде природно како резултат на тоа што и самите компании за да бидат поуспешни ќе инвестираат повеќе и во својата надоградба. Движењето на луѓето, размената на искуства, интеркултурното учење се дел од европската иднина за која долго сонуваме. Отворен Балкан е нашата успешна регионална приказна која ја покажува нашата политичка зрелост за овој важен аспект. Кога тежнееме кон Европа без граници мора да веруваме во сопствениот потенцијал и капацитет. Тоа е убавината на слободата“, рече Нола Исмајлоска-Старова.