Дијана Рикаловска, мајка на ученик со атипичен развој кој користи поддршка на образовен асистент во редовната настава е задоволна од развојот на оваа услуга, но и воопшто, на воспоставувањето на систем од страна на МОН, со кој се обезбедува поголема инклузија во образованието.

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, таа, образовната асистентка на нејзиното дете и одделенската наставничка ги споделија своите лични искуства.

,,Ја имам таа среќа овој концепт да се воведе на почетокот на образованието на моето дете, за да може веднаш да ги почувствуваме придобивките и од финансиски и од психолошки аспект. Финансиски затоа што образовните асистенти се вработени преку МОН и не се на терет на родителите, а од друга страна ја покриваат програмата и се она што треба да совладаат децата на начин којшто е најдобар за нив”, вели Рикаловска.

Мајката вели дека асистентката има богато искуство и одличен пристап на работа со детето.

“Има способности, обуки, вештини, доколку има потреба да прилагоди тешко совладлив материјал. Така што сите деца ја имаат прифатено како дел од одделението. Важна е соработката и со учителката, којашто го води одделението и таа има значајна улога во остварувањето на релацијата со образовниот асистент, но и соработката со нас родителите и со останатите стручни служби во училиштето”, вели Рикаловска.

За асистентката Борјанка Мариски вработувањето на стручни лица во редовниот образовен процес е огромен напредок за државата што и ја мотивирало да се пријави на конкурсот бидејќи смета дека само вака сме чекор напред кон остварувањето на целта на секоја држава, а тоа е создавање образование по мерка на секое дете.

„Затоа ги поздравувам ваквите вработувања и се надевам дека ќе ги има се повеќе. Бидејќи се вработувања придонесуваат за секојдневната насмевка на децата со атипичен развој и само така полека чекориме кон тотална инклузија”, вели Борјанка.

Соња Илиевска Гоџирова, одделенски наставник во ООУ “Гоце Делчев” во Скопје, објаснува дека веќе се навикнала на соработката со образовната асистентка.

,,Ми помага многу во извршување на образовните задачи со дечињата, затоа што секогаш е тука покрај мене, ги насочува, им објаснува, така што дечињата се среќни и задоволни. Во однос на соучениците, во одделението иако дечињата се на мала возраст, отсекогаш и минатата учебна година и оваа учебна година беа добро прифатени од страна на другите соучениците кои научија дека треба да ги почитуваат различностите и инклузивноста во образованието”, вели Илиевска Гоџирова.