По повлекувањето на руските војници од Буча, на интернет се појавија фотографии од масовни гробници со егзекутирани цивили. Според украинските власти, во последниот месец се убиени најмалку 300 луѓе.

Украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова рече дека 410 тела биле пронајдени во градовите во близина на Киев како дел од истрагата за можни воени злосторства од страна на руските сили, но додаде дека некои сведоци биле толку истрауматизирани што не можеле да зборуваат.

Сателитските снимки покажуваат дека градот е речиси целосно уништен. Украинскиот портал ВотТак ТВ Белсат, кој емитува вести на руски јазик во Белорусија, а неодамна беше блокиран во Русија, разговараше со Владислав Козловски, очевидец на егзекуциите врз жителите на Буча. Во овој окупиран град живеел еден месец.

Кога и зошто пукаа Русите? Како се најдовте во окупирана Буча?

Минатата година живеев и работев во Киев, но по избувнувањето на војната се вратив во Стеклозавод (Буча), каде што живеат мајка ми и баба ми.

Окупаторските трупи влегоа во нашиот град на 2 март, бев во близина на штабот за територијална одбрана со неколку пријатели. На сите што немале оружје им било наредено да се скријат во засолниште во близина на базата. Руси упаднаа во засолништето кое имаше две врати. Првата ја пробија тие, а втората врата ја отворивме сами, затоа што сфативме дека сепак ќе упаднат и тогаш може да не убијат сите. Меѓу нив претежно имаше Руси и Белоруси, лесно се препознаваат по карактеристичниот дијалект.

Во првите денови добро се однесуваа со нас. Но, со пропаганда им го испраа мозокот, зошто нормални луѓе немаше да дојдат во туѓина. Во тој момент имаше интензивни борби во градот, не смеевме да излеземе. Седевме во апсолутна темнина. Немаше светлина, вода или топлина. Потоа овие војници беа заменети со други, а на 7 март ги извадија прво жените со деца, па потоа мажите.

Ни рекоа да клекнеме на колена. Имав пари и часовник со мене. Одзедоа се. Ни ги проверија документите и ако некој учествувал во АТО (како што Украина го нарекува периодот на воените дејствија во регионите Доњецк и Луганск од 2014 до 2018 година) или бил регистриран во одбраната, веднаш беше застрелан. Ги проверуваа и тетоважите, барајќи „нацистички обележја“. Всушност, дури и оние кои го имаа официјалниот грб на Украина беа стрелани.

Колку луѓе беа убиени во ваше присуство?

Осум лица. Подоцна ги препознав нивните тела зад една зграда на една од фотографиите од Буча. Беше страшно и бев сигурен дека никогаш нема да се вратам дома. На мојот пријател, на кој ништо не му беше пронајдено, му беше пукано во колкот и му кажаа: „Ова е за да не брзаш да си одиш дома“. Ме прашаа каде живеат АТО ветерани или националисти, но ништо не знаев и не можев да одговорам. Потоа жестоко ме претепаа и ме удираа со кундакот по главата. Жртвите беа застрелани во задниот дел од главата или срцето. Меѓу нив имаше Руси и, најверојатно, Бурјати, тоа го сватив од изгледот.

Како се однесуваа војниците кои го окупираа градот?

Неколку недели по окупацијата, Кадировците (војници на чеченскиот водач Рамзан Кадиров) се возеа низ градот. Покрај надворешните знаци, тие се разликуваа од Русите по униформите: носеа или црни или темно зелени униформи.

На крајот на март ни го убија соседот, пензионер кој само седеше на клупа, никогаш во животот никому не му наштети и, се разбира, воопшто не беше „нацист“. Кадировците застрелаа уште двајца мажи кога го стартуваа автомобилот за да донесат вода. Само неколку дена подоцна успеавме да ги закопаме зад гаражите.

Последнава недела од сабајле се шетаат по станбени зони и пукаа по секого што ќе видат, секој ден е погребуван некој.

Сите Кадировици се однесуваа сурово и варварски. Меѓу Русите имаше многу млади луѓе. Некои знаеја да тропнат на врата и нормално да бараат да преноќат, други едноставно ги тепа и ги исфрлале сопствениците на улица.

И јас бев претепан по втор пат во средината на март. Седев со еден пријател и пушев, влезе руски војник од околу 25 години со автомат, навидум пијан, го впери оружјето кон нас и почна да вели дека е не смее да се оди по улица, а потоа ги испрати сите да спијат.

По некое време се врати, лежев во собата најблиску до излезот и тој викна: „Ја браниш Украина?“ И почна да ме тепа. Носот ми беше скршен, целата облека ми беше облеана во крв. Удри силно, дури и изгубив свест на неколку секунди.

Колку ваши пријатели беа убиени за тоа време?

Мојот пријател Сергеј Семјонов, има 40 години, реши да прошета со пријател низ фабрика за стакло до градот Ирпин. Нивните тела беа пронајдени неколку дена подоцна. Сергеј беше застрелан по пат. А другиот мачен – му го отсекле и му пукаале во срце, ги закопавме токму на територијата на фабриката.

Во борбите за градот на 2 март загинаа пет цивили: тројца мажи, една жена и еден пензионер. Нивните тела лежеа во автобусот неколку недели и не ни дозволија да ги извадиме.

Не ни дозволија да одиме на гробиштата, па мртвите ги погребуваа каде што беше можно. Тие петмина од автобусот ги натоваривме во трактор. Додека немаше војници, возачот возеше малку подалеку, ископа дупка и сите ги закопа.

Каде си сега? Како се чувствуваш?

По враќањето на украинската војска, јас и моето семејство успеавме да ја напуштиме Буча преку Ирпин. На подигнатиот мост стигнавме до Киев, каде што не одведоа пријатели. Дури и туширањето ни стана луксуз. Нема да заборавам како луѓето плачеа кога го гледаа лебот, бидејќи долго време беа гладни.