Од 2017-та до 2021 година се уверивте дека со добар менаџмент и чесен пристап може една општина од затрупана со 3 кредити и 13 милиони денари долг, да ја направиме една од најуспешните по реализација на проекти. Општина без проекти ја донесовме до позиција со над 50 подготвени проекти и реализирани 6 милиони евра во инфраструктурни зафати. Од општина која само сееше страв, а не беше соработник на граѓаните денес имаме отворена и транспарентна општина. Општина за сите, истакна вечера во Крушево кандидатот за градоначалник на општина Крушево на СДСМ и Коалицијата Томе Христоски.

Како позначајни реализирани проекти во изминатите четири години Христоски ги наведе реконструкцијата на спортската сала со проширување на нејзината намена со авантуристичка понуда, реконстуркцијата на горната училишна зграда, а обезбедени се пари за реконструкција на кровот и салата во ОУ Никола Карев.

Изградивме и реконструиравме над 50 километри локални и регионални патишта, како и во градот, главната улица, преку Киро Фетак, Нико Доага, Партизанска и тековно дел од Питу Гули, истакна Христоски, додавајќи дека по повеќе од 4 децении се реконструираше патот Крушево – Пуста Река, по години лаги и празни ветувања се реконструираше патот Стопанство – Алданци – Норово и се изгради Борино – Житоше, патишта се правеа и во Саждево, Бучин – Воѓани и Јакреново.

Работиме во туризмот, особено на полетиштето за параглајдинг. Го реконструиравме, поставивме нова трева и градиме објект како контролна кула за идните првенства, рече Христоски, додавајќи дека во новиот мандат на ова место ќе биде изграден уште еден објект, како и авантуристички парк и зиплајн, се вложува во параглајдинг, велосипедски патеки, во поставување на карпи за искачување, бидејќи иднината е во активниот туризам.

Токму затоа во Крушево организиравме едно светско, две европски и седум меѓународни првенства за параглајдерство и змејарство, нагласи Христоски.

Во врска со проблемите со водоводната и канализционата инфраструктура во општина Крушево, Христоски, наведе дека е дограден цевководот во Саждево, изградени се резервоари за вода во Белушино, Борино, а тековно се работи во Јакреново и Пресил и најави дека во период од 2021-ва до 2025-та ќе се работи на канализациони системи во Свето Митрани, Врбоец, Пресил, Алданци, Саждево, Борино, втора фаза во Норово.

Тој истакна дека водоснабдувањето останува приоритет.

Во наредните четири години ќе работиме на секундарната водоводна мрежа и зафаќање нови извори. А во оваа област ќе работиме и во населба Трстеник со изградба на резервоар и санација на постоечката мрежа. Ќе го изградиме и патот до манастирот Св. Спас и црквата Св. Василие. За овој проект сме целосно подготвени, соопшти Христоски.

Тој додаде дека младите се приоритет и затоа за прв пат е опремена и оспособивме сала за театар и кино, од горната училишна зграда ќе се создаде место за младите и во новиот мандат ќе биде изградена фитнес зона во градот и повеќенаменско игралиште на Плоч.

Младите ќе ги задржиме со нови инвестиции, истакна Христовски, додавајќи дека има една инвестиција во изградба на фотоволтаични електрани во вредност од 5 милиони евра, дополнително ќе биде проширена индустриската зона, а инфраструктурно истата е речиси подготвена со имплементација на проектот за зафаќање на води и снабдување со вода на Опаленик.

Од останатите проекти кои треба да се реализираат час поскоро се реконструкција и доградба на патот Св. Митрани – Врбоец – Кривогаштани, планска документација за овозможување на закуп на парцели и изградба на објекти за домување, ново полетувалиште за параглајдинг, пристапен пат до скијачкиот центар, реконструкција на патот од бензиска пумпа до Мечкин Камен, најави Христоски и ја побара поддршката од своите сограѓани за да продолжи патот на успехот и чесниот пристап.

17-ти октомври и бројот 12 се симболи кои означуваат развој, раст, проекти, решенија, успеси. Овој датум и овој број значат продолжение на она што го работевме изминатите 4 години. Број 12 на 17-ти октомври значи да продолжиме со се она што го работевме заедно, порача градоначалникот на Крушево и кандидат на СДСМ и Коалицијата за прв човек на општина Крушево Томе Христоски.