Скопје, 21 март – Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби оствари средба со романскиот претставник за Западен Балкан г-дин Адриан Давидоју, придружуван од амбасадорката на Република Романија, г-ѓа Моника Аксинте.

Уставните измени, интегративниот процес и дијалогот меѓу Република Косово и Република Србија беа теми на кои се разговараше на средбата Груби и Давидоју.

Двајцата соговорници разговараа за актуелната политичка состојба во земјата и регионот, важноста од одобрување уставни измени и спроведување реформи за забрзување на процесот кон европската интеграција, процес кој ја има континуираната политичка и техничка поддршка од Романија.

Груби го елаборираше владиниот план за имплементација на европскиот договор и уставните измени при што ја истакна вербата во успехот и континуитетот кон европскиот пат.

Груби изрази уверување дека постигнатиот договор меѓу Косово и Србија е историски и правилен не само за двете земји туку и за целиот регион бидејќи европскиот предлог заснован на германската и француската иницијатива може да реши голем дел од проблемите и ќе го отвори патот за интеграција во Европската Унија, како и важен позитивен сигнал за Западен Балкан во оваа критична меѓународна ситуација.