Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби денеска оствари средба со Матео Мекачи, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Соработката меѓу ОДИХР и институциите во земјава е на високо ниво, но треба да продолжи исто и во иднина, беше констатирано на средбата меѓу Груби и Мекачи.

Двајцата соговорници ја потврдија важноста на почитувањето на човековите права и слободи преку целосна имплементација на Охридскиот Рамковен Договор како гаранција за целосна социјална интеграција на сите заедници во земјата.

Во рамките на оваа средба се разговараше и за Изборниот Законик и важноста на отворање на дебата додека Владата во последното мислење дадено по овој предлог закон за изборните констатираше дека процесот на донесување на Изборниот Законик неминовно ја наметнува потребата од консензус на сите политички партии и тоа бара поширока дебата, интердисциплинарна работна група со сите партии.

Исто така, дел од разговорот меѓу Груби и Мекачи беше и Процесот на Попис на население, чии резултати се објавија денес и дадоа нова слика за бројот на населението и на сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше и за спорот со Бугарија, за предизвиците со кои се соочуваме на патот кон евроинтеграциите, за работните групи кои веќе функционираат усогласено со сите детали за еден договор кој би и дал зелено светло на земјата да добие датум за почеток на разговорите со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција.