„Албанците беа и се за независност на Северна Македонија, но можноста за влез на земјата во било каков иден сојуз со суверени држави од поранешна Југославија, не беше опција за албанските граѓани и тогашните албански политички елити“ кажа заменикот-премиер Артан Груби на свечената владина седница по повод 30 години од независноста.

Тој додаде дека тогашната елита требало директно да учествува во референдумот и со тоа да овозможи меѓусебно разбирање и носење на помодерен и мултиетнички устав, кој ќе овозможеше рамноправност.

„Ова почетничко двоумење и несигурност направија една цела декада да живееме во одвоени реалности во заедничка држава. Да живееме едни до други, но не и едни со други“ кажа Груби.

Тој додаде дека сите договори и недоразбирања од минатото сега се дел од заедничката приказна на патот на нашата држава од независноста.

„На темелите на референдумот,Декларацијата за независност и Охридскиот рамковен договор, го избравме дијалогот, рамноправноста и соживотот, но и пријателството со соседите и се определивме за патот кон ЕУ и НАТО“ кажа Груби.

Тој додаде дека и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор се неразделив дел од мозаикот кој не направи членка и доверлив партнер на НАТО.