„Кога зборуваме за 30 години од нашето зачленување во Обединетите Нации не може, а да не зборуваме за периодот на нашето осамостојување. Како студент бев сведок и учествував во процесите на трансформација на македонското општество во повеќепартиски систем и бевме водени од идеологијата да создадеме независна и самостојна држава. И тогаш и денес сме пример за стабилност во регионот и пример како успеваме да почитуваме и да ја негуваме мултиетничноста, различноста и посебноста на нашите сограѓани “. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панелот на тема „Граѓанско општество и солидарност“, што се одржа во седиштето на Обединетите Нации, по повод одбележувањето 30 години од зачленувањето на Република Северна Македонија во ОН.

На панелот, кој го модерираше вицепремиерката Грковска, учествуваа Ивана Живковиќ, помошничка на генералниот секретар и директор за Европа на УНДП, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и Вики Младенова, координатор на ЕРАЗМУС Стратешко партнерство.

„Одбележувањето на 30-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во Обединетите Нации се совпаѓа со 75-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права. И затоа ми е драго што овој панел е посветен на суштината на глобалното семејство на нации и на секоја земја која се грижи за благосостојбата и напредокот на својот народ. Затоа што исполнувањето на нашите стремежи за независност и признаена државност мора да значат и исполнување на услови за достоинствен живот и развој на секој поединец“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа истакна дека мора да се изгради консензус за неповредливост на човековите права, кои припаѓаат на секого и секаде. И дека само со почитување на тие неотуѓиви права, луѓето можат да живеат и создаваат во слобода и мир и да градат општества кои ќе обезбедат еднакви можности за сите.

„Слободата сѐ уште има многу непријатели. Тоа се гледа во подемот на таканаречените нелиберални движења, засновани на нетолеранција, предрасуди, ограничување на слободното изразување. Во нивната срж е отпорот кон унапредувањето на човековите права и тенденцијата за одземање права кои се веќе стекнати одамна. И ова е една од најважните битки на нашето време“, предупреди Грковска.

Помошничката на генералниот секретар и директор за Европа на УНДП, Ивана Живковиќ ја нагласи тесната соработка што нашата држава ја има со Програмата за развој на Обединетите нации и и честиташе на нашата држава за напредокот што е постигнат во однос на партнерскиот однос со граѓанското општество, но и за значајниот напредок во однос на слободата на медиумите, констатиран од „Репортери без граници“.

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, истакна дека во изминативе 30 години на полето на човековите права во Северна Македонија е постигнато многу, но дека се уште постојат предизвици кои мора да се надминат. Граѓанскиот сектор, додаде таа, е партнер, но и коректив и критичар на власта. Пировска нагласи дека во периодот после 2017 година граѓанскиот сектор има слободен простор за делување и работа, за разлика од претходно кога се соочуваше со сериозни опструкции.

Вики Младенова, координатор на Еразмус Стратешко партнерство оцени дека само образование кое се заснова на отворена соработка, и кое е составено од критички педагошки елементи е предуслов за политичка и културна трансформација на општеството, во насока на демократизација, правда, еднаквост и меѓукултурен дијалог.