Обезбедивме непречено и по стабилни цени, снабдување со електрична енергија на виталните институции, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција. Тој кажа дека Владата со одлука го задолжило ЕСМ за време на енергетската криза да снабдува неколку категории потрошувачи, дополнително од оние задолжени со закон.

-Така ќе се спречи растот на цените на псновните прехранбени производи, да се одржи сигурност во снабдувањето со вода, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за време на наставата. ЕСМ ја подготви документацијата за новите договори, рече Ковачевски.

Тој информира дека потрошувачите ќе можат документите да ги најдат на веб страницата на ЕСМ и најдоцна до 10-ти во месецот да го поднесат договорот до ЕСМ за да започне снабдувањето по новите правила.

Поевтината струја се однесува за потрошувачите кои се занимаваат со прехранбената индустрија (80 евра за мегават час), со што се очекува пад од 10% на цените на основните производи.

Во втората категорија се јавните претпријатија кои се бават со водостопанство (95 евра за мегават час), а во трета категорија се основните и средните училишта (95 евра за мегават час).

Тој на специјалната прес-конференција посветена на справувањето со енергетската криза потсети дека 42 илјади граѓани од најранливите категории ќе добиваат директна финансиска помош, исто како и 330 илјади пензионери, кои освен зголемените пензии, дел од нив, кои се со најниски пензии, ќе добиваат шест илјади денари поддршка.

-Приоритет ни е брзо ефектуирање на мерките кои ги носиме за да има резултати. Работиме одговорно, рационално и ги кратиме непродуктивните трошоци се со цел да се избориме со оваа криза, рече Ковачевски.

Говорејќи за работата на ЕСМ, премиерот истакна дека производството на ЕСМ е зголемено за 25% и доколку се погледнат бројките се забележува дека регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи имаат стопроцентно задоволување на потребите од ЕСМ.

-Иако ЕСМ работи со многу стара технологија. РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј имаат технологија од Југославија и во тоа можете сите да се уверите, рече Ковачевски, додавајќи дека досега не бил потребен увоз на електрична енергија за регулираниот пазар.

Што се однесува до топлинската енергија, опозицијата на државно ниво, која е власт на локално ниво и во Град Скопје одби да управува со затоплувањето на Град Скопје, тоа го направи Владата и гледате дека радијаторите се топли со цена субвенционирана од државата, истакна премиерот.

Одговарајќи на новинарско прашање за неискористените средства од ЕБОР поради блокадата во Собранието, премиерот кажа дека државата не е во ќорсокак, туку тоа е опозицијата.

-Тој кредит беше блокиран и јас информирав дсека заради неодговорното однесување на опозицијата тие финансиски средства што стоеа на сметката на банката, тие веќе ги имаат пренаменети за други намени. Со тоа на Македонија и се ускрати од страна на опозицијата да користи исклучително поволни финансиски средства, заклучи Ковачевски.