Населбата Ѓорче Петров конечно ќе добие нов голем трговски центар, на локацијата каде што „Трансмет“ требаше да гради шопинг – мол, но по пропаѓањето на оваа компанија во стечај, недоизградената карабина со години го урнисуваше централното подрачје на општината.

„Трговскиот центар кој е во срцето на Ѓорче Петров се одглави од правните лавиринти, објектот преку наддавање го купи КАМ маркет, со тоа, тој недовршен објект кој ни беше оставен од минатата власт сега ќе се уреди и Ѓорче Петров за првпат ќе добие модерен трговски центар“ изјави денеска градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски на заедничката прес конференција со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, при најавувањето на реконструкција на улицата Лука Геров во населба Даме Груев.

Објектот на „Трансмет“ долги години стоеше како руина во центарот на Ѓорче Петров откако оваа фирма пропадна по ефективните затворски казни за нејзиниот сопственик, Сеад Кочан.

Изградбата на овој објект ја следеа низа контроверзи, а СДСМ своевремено како опозиција обвинуваа дека договорот што „Трансмет“ го добил бил на штета на Општина Ѓорче Петров и во интерес на мала бизнис група блиска до ВМРО-ДПМНЕ.