Вчера Домот на Армијата во Скопје, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорите на земјите учеснички на претстојната вежба „Swift Response 22” беа брифирани за финалните подготовки за успешна реализација на вежбата која оваа пролет ќе се одржи на полигонот Криволак.

Со учество на околу 4600 припадници на вооружените сили од осум земји членки на НАТО – Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Република Франција, Република Италија, Република Албанија, Република Грција, Црна Гора, следниот месец за прв пат на Криволак ќе бидат изведени воздухопловни операции кои ќе вклучат 45 воздухоплови, авиони и хеликоптери, и над 700 падобрански скокови.
На брифингот беше истакната подготвеноста на Република Северна Македонија да биде земја домаќин на најголемата Воена вежба организирана на нашата територија досега.

Планирачкиот процес за вежбата започна минатата година, а нејзината цел е извежбување на интероперабилноста на сојузничките армии.

Претходно Владата ги задолжи надлежните институции да преземат мерки за непречено преминување на државната граница на повеќе од 850 воени и цивилни моторни возила, 8 авиони, 24 хеликоптери, 5 беспилотни летала, вооружување, муниција, опрема и материјално-технички средства на вооружените сили на странските држави, на територијата на Република Северна Македонија.

Вежбата „Swift Response – 22“ е дел од вежбата „DEFENDER EUROPE 22“, со учество на поголем број припадници на армиите од НАТО Алијансата и Партнерството за мир, и ќе се изведува истовремено на 5 локации низ Европа.