Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата, одигра Баскет на игралиштето на бул. Св. Климент Охридски во општина Центар со Венко Филипче потпретседател на СДСМ, поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски, носителката и членка на листа на советот Андријана Будимир и Едина Муса под тренерска палка на Јани Макрадули и младите на ЛК СДММ Центар.

Промоцијата на спортот е еден од клучните фактори за зачувување и одржување на здравјето на нашите граѓаните. Спортот треба да се применува од најрана па до длабоко зрелата возраст преку активни пешачења.
Знаејќи ги бенефитите од одржувањето на физичка активност Герасимовски во својата програма високо ги поставува инвестициите во спортот.

Во Центар во следниот период ќе биде изградена нова спортска сала на местото на стариот и запуштен објект „Работнички“, веднаш по решавање на имотно правниот статус и завршување на судскиот спор за земјиштето кое ВМРО ДПМНЕ го продаде во 2012 година. Оваа сала во иднина треба да прерасне во општински спортски центар, отворен за сите граѓани и спортски клубови, дом на спортот во Центар.

Дополнително во општина Центар ќе следи континуирано опремување на училишните спортски сали со соодветни реквизити, континуирано опремување и одржување на отворените детски и спортски игралишта како и промоција на „уличен спорт“ како модел на рекреација за деца и млади. Исто така, ќе биде изградено и инклузивно игралиште уредено со реквизити за рекреација на најмладите, а истите ќе бидат прилагодени и за децата со попреченост.

Општина Центар ќе ја продолжи финансиската помош на кошаркарскиот клуб „Работнички“ кој неколку години наназад го помага со 15.000.000 денари. Исто така ќе дава финансиска поддршка и на другите спортски клубови кои работат на територијата на Центар. Притоа општината ќе доделува стипендии за ученици спортисти како дополнителен мотив за поддршка за нивниот натамошен ангажман со спортот.