Ме радува и ги поздравувам различните листи кои следните четири години ќе го водат советот во општина Центар, порача Горан Герасимовски, кандидат на СДСМ и Коалицијата во вечерашното гостување во „Само Вистина“ на Канал 5.

Според него Центар отсекогаш била демократска општина и секогаш граѓаните размислувале со своите мисли. Герасимовски смета дека е здраво да се има различни мислења во самиот совет за да се носат многу подобри и поквалитетни решенија.
„За поздравување е тоа што се случува во Центар да имаме и шарен совет којшто ќе има можност да носи квалитетни, предлози, програми и реализирани проекти за центарци. Добро е и здраво во едно демократско општество да се има различно мислење на граѓаните, јас го почитувам тоа и затоа сум тука како ново лице да спроведувам поразлични и поквалитетни одлуки заедно со граѓаните во интерес на сите нас, да Центар ја направиме да биде најубава општина и пример за сите останати во градот Скопје“, изјави Герасимовски на Канал 5.

Герасимовски потенцираше дека како кандидат за градоначалник има конкретни решенија за трите најголеми проблеми на локално ниво, а тоа се хумана урбанизација, сообраќајот и паркирањето. Исто така тој напомена дека инспекторските служби во иднина ќе бидат побројни и позачестени со цел навремено да се реагира при нелегалните градби, но исто така рече дека негов фокус се зеленилото и ревидирањето на ДУП-вите.

За крај Герасимовски потенцираше дека неговата програма нуди сериозни решенија за проблемите на граѓаните поради што очекува победа во вториот круг.