„Се уште имате работа пред вас, но гледајќи ја вашата решителност, уверена сум дека сте способни да го остварите сонот на младите и да станете дел од ЕУ. Сигурна сум дека ЕУ не е целосна без Северна Македонија. Сакаме да сте дел од Унијата. Ние сме пријатели, ние сме партнери и еден ден ќе бидеме заедно во ЕУ“ изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски.

Таа додаде дека владата покажа посветеност на вредностите на ЕУ и изрази увереност дека земјава брзо ќе се виджи напред на патот кон членството во Унијата.

„Морам да ви честитам, навистина е прекрасно да се види колку одлучно и решително се движите напред. Ја зацврстивте демократијата, го зацврстивте владеењето на правото, постигнавте напредок во реформите на правосудниот систем и развивате цврста пазарна економија, која ја покажа својата отпорност. Ви честитам за успехот досега и убедена сум дека сте решени да го одржите ова темпо за да стигнете до ЕУ“ изјави Фон дер Лејен.

Таа додаде дека Европската Унија ќе остане покрај земјава и во време на кризите и најави грант од 80 милиони евра, како итна буџетска поддршка за да се помогне и намали влијанието на растот на цените.