Европската агенција за воздухопловна безбедност (EASA) ги предупреди авиокомпаниите на зголемен ризик поради војната во Украина.

Во соопштение за јавноста европскиот регулатор посочува дека цивилните авиони може да бидат нападнати по грешка, а авиокомпаниите би можеле да бидат цел на кибер-напади додека Украина е во војна.

„Како што видовме во претходните судири, погрешната идентификација е лесно возможна во збунувачки услови на војна“, порача ЕАSА.

За потсетување, во 2014 година патнички авион на „Малезија ерлајнс“ се урна над источна Украина, каде што беснееја конфликти кога беше погоден со проектил од типот „Бук“, произведен во Русија.

„Ако на тоа ја додадеме веројатноста за напади врз електронски уреди што помагаат во навигација или идентификација на авиони, лесно е да се види како некој патнички авион може да биде погоден од проектил или радарски водени оружја“, велат од ЕАSА.

Регулаторот објави и дека постојат потенцијални ризици поврзани со цивилните аеродроми преку кои се водат воени операции.