Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ вчера изјави дека земјава станува дел од програма која е наменета само за членките на Унијата. Тој во интервју за „Канал 5“ рече дека македонскиот преговарачки тим ја искористил можноста за првпат да побара „забрзана интеграција”, односно структура каде може да се приклучи Северна Македонија и пред да стане членка на Европската Унија, а тоа е Европската миграциска мрежа.

-Со учеството во таа мрежа ќе имаме пристап до точни, до најнови, до ажурирани информации за движењата на границите, што е од високо значење и за безбедноста на нашите граѓани, но и за безбедноста на нашите граници. Мислам дека тоа е еден добар доказ дека имаме одличен старт во оваа област и доказ дека само треба да продолжиме во оваа насока за да можеме и законски и институционално да се усогласиме во зададениот рок, изјави Маричиќ.

Вицепремиерот ова го изјави од Брисел, каде тече билатералниот скрининг за поглавјето 24.

Инаку, претходно првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел најави дека штом започнат преговорите за членство, земјава ќе почне да учествува во програми што се наменети само за членките од Унијата, како една од придобивките кон забрзана интеграција во европското семејство.

„Започнувањето на преговорите веднаш ќе донесе предности. Вие ќе бидете дел од нови иницијативи и програми, коишто обично се отвораат само за земјите-членки. Но, Вие одлучувате за Вашата иднина и клучните чекори и според мене Северна Македонија припаѓа во Европската унија. Вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробив на започнувањето на преговорите“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на посетата на Скопје, пред прифаќањето на францускиот предлог кој го деблокира преговарачкиот процес за земјава.

Европската миграциска мрежа (ЕМН) е мрежа на ЕУ од експерти за миграција и азил кои работат заедно за да обезбедат објективни, споредливи информации и знаења поврзани со политиката за новите прашања поврзани со азилот и миграцијата во Европа.

Мрежата ја сочинуваат национални контакт точки, кои се назначени од релевантните институции на владите. Овие контакт точки се наоѓаат во рамките на министерствата за внатрешни работи, министерствата за правда, специјализираните владини агенции кои се занимаваат со миграција, истражувачките институти, невладините организации и националните канцеларии на меѓународните организации.

Ова е прва програма за членките на ЕУ во која ќе учествува Македонија и се однесува токму на прашањето за мигрантите. Всушност и првиот договор кој беше потпишан меѓу Скопје и Брисел на македонски јазик, се однесуваше на ФРОНТЕКС за заштита на државните граници при бегалски бранови.

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан минатиот месец, кога во посета на Скопје беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при што оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски.

„Денес е голем ден за Северна Македонија и за македонскиот народ. Денес го потпишавме договорот Фронтекс на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и без додавки, без нејасни формулации, чист македонски јазик”, рече Ковачевски.

Тој додаде дека овој договор овозможува заедничко соочување и справување со заканите и ризиците, како што е илегалната миграција.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во својот говор истакна дека со потпишувањето на договорот се исполнува ветувањето дадено за почитување на македонскиот идентитет и јазик.

„Ви ветив дека ќе го потпишеме договорот за Фронтекс, ќе го преведеме на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички, подеднаков со сите 24 јазици на Европската унија и ова ветување го исполнивме. Како што реков, во Европската унија има 24 официјални јазици. Длабоко сум убедена, нема да потрае долго, ќе имаме 25, бидејќи македонскиот јазик е толку убав јазик“, рече Фон дер Лајен.

Договорот за Фронтекс е договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.

Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија.