Единственото средно училиште во Ѓорче Петров, гимназијата „Кочо Рацин“ изградена пред 57 години како времен објект конечно ќе добие целосна реконструкција.

Со 54 милиони денари, целосно ќе се реконструираат фасадата, покривот, таванот и надворешната столарија која опфаќа замена на вратите и прозорците.

„За неколку месеци овде ќе имаме целосно нов објект, бидејќи се врши целосна замена на надворешните ѕидови, ќе се направи и сосема нов покрив, ќе се заменат електричната и водоводната инсталација, а ќе се додаде и инсталација којашто на учениците ќе им помогне да влезат сериозно во процесот на дигитално образование, проект што го има утврдено Градот Скопје – рече Шилегов.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски изјави дека овој проект е пример за посветена соработка на централната, градската и локалната влас предводена од СДСМ од која придобивки имаат граѓаните.

„Подобрување на условите во образованието е фокус на локалната и централната власт. Со заеднички напори максимално сме вложени да овозможиме нов лик на образовните институции. Се надевам дека со овој градежен зафат „Кочо Рацин“ ќе стане поатрактивно за новите средношколци“ изјави Наумоски.