Две лица починаа од екстремно смртоносниот вирус Марбург во Гана, па здравствените установи се подготвуваат за потенцијална појава на епидемијата, пишува Дејли Мејл.

Лекарите рекоа дека пациентите развиле симптоми како што се дијареа, треска, гадење и повраќање.

Претставникот на Светската здравствена организација во Гана, Френсис Касоло изјави дека здравствените служби се на терен и ја истражуваат ситуацијата и подготвуваат одговор за евентуална епидемија.

„Ние тесно соработуваме со државата за да откриеме случаи на инфекција, да следиме контакти и да бидеме подготвени да го контролираме ширењето на вирусот“, рече Касоло.

Ако се потврди дека две лица починале од вирусот, тоа ќе биде втор пат Марбург да биде откриен во Западна Африка, по помалите случаи во Гвинеја минатата година.

Што е Марбург вирус?
Вирусот Марбург е најсмртоносниот вирус во светот, имајќи предвид дека, според Светската здравствена организација, убива до 90 отсто од заразените. Во моментов нема лек за оваа болест.

Почетните симптоми вклучуваат силна главоболка, висока температура, дијареа, абдоминална болка и повраќање. Со текот на времето, симптомите стануваат поизразени. По неколку дена, многу пациенти имаат внатрешно крварење или крварење од отворите на телото како што се устата, очите и ушите.

Марбург вирусот се пренесува на луѓе кои се изложени на рудници или пештери каде што се наоѓаат лилјаците. После тоа, вирусот се шири преку директен контакт со телесни течности на заразени лица или површини и материјали кои биле во контакт со тие течности, пишува ECDC.