Делегација на Република Северна Македонија во која како претставничка на Владата беше Славица Грковска, заменичка на претседателка задолжена за добро владеење, независниот пратеник Зекир Рамчиловиќ во име на Собранието на Северна Македонија и Катерина Цаневска, како претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, положи венци свежо цвеќе на спомен обележјето на авионската несреќа кај Ротимље, близу Мостар во Босна и Херцеговина, во која загина поранешниот претседател на државата Борис Трајковски и членовите на неговиот кабинет што го придружуваа на ова патување, како и екипажот на авионот.

На одбележувањето на 18 годишнината од трагичниот настан од смртта на претседателот Борис Трајковски, на спомен обележјето на несреќата венци, со пригодна државничка и воена церемонија, свежо цвеќе положи делегација на Република Босна и Херцеговина.

Во рамките на пригодните активности на Владата на Република Северна Македонија во знак на одбележување на 18 годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател Борис Трајковски, свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Борис Трајковски, во Бутел во Скопје, положи владината делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство и заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Како дел од овие активности, на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски во Струмица свежо цвеќе положија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Кирил Парталов, државен секретар за локална самоуправа.

Осумнаесет години по смртта на претседателот Трајковски, тој останува да биде запаметен по неговите заложби и вредности за мир, единство, за интегритет, за нашата држава како мултикултурна заедница и како членка на ЕУ и на НАТО.