Граѓаните се со поделени мислења околу прашањето дали треба да биде прифатена понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче од морални причини, како резултат на пожарот кој предизвика огромна трагедија во модуларната болница во Тетово. Иако повеќето ја поздравуваат неговата постапка со која покажа голема одговорност и емпатија, сепак не сите се согласни Филипче да ја напушти раководната функција во Министерството за здравство.

Како причини, корисниците на социјалните мрежи, ги наведуваат големиот број постигнувања во областа и успешните реформи, како и унапредување на условите за работа на здравствените работници и покачувањето на нивните месечни примања. Филипче поддршка добива и од неговите колеги доктори и останатиот медицински персонал, но и од пошироката јавност која го поздравува за успешното справување со ковид пандемијата.

„Величина од човек. Македонија немала подобар министер за здравство од Венко Филипче!“, споделуваат здравствените работници на социјалните мрежи, набројувајќи само дел од неговите успеси, како што се укинувањето на паралелниот увоз на лекови меѓу кои инсулинот како најштетен, достапноста на сите лекови на рецепт без оглед на денот во месецот, подигање на свеста за донирање органи што спасува животи, обезбедување најсовремени медицински апарати и друго.

„Венко нема да остане вечно на таа позиција. Но, кога и да замине, со оставка или без неа, единствено нешто што ќе добиеме, ќе биде фактот дека скептиците ќе си ги наполнат ситните души, а државата ќе изгуби голем човек на значајна позиција. Ништо друго“, пишуваат колегите на министерот Филипче, нагласувајќи ја неговата човечка димензија.

Според нив, оставка од позицијата треба да биде дадена единствено во случај на утврдување кривична одговорност и повикаа министерот да продолжи да ја обавува функцијата, иако разбираат дека трагедијата го погодила и жали за жртвите. Токму во насока на утврдување на кривична одговорност денеска во земјава пристигнаа и експерти за пожари од Германија, кои ќе им помогнат на домашните вештаци во утврдување на причините за пожарот, со што дополнително се потврдува независноста на истрагата.

Од друга страна, единствено симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од соопштенијата на партијата и апелите од нејзините раководни лица, шират сомнежи за независноста на истрагата и се обидуваат да профираат од трагедијата која ја зави земјата во црно.

Иако скоро и да не сведочевме на понесување морална одговорност од функционерите кога ВМРО-ДПМНЕ управуваше со државата, сега партијата е најгласна кога станува збор за морал и етика, па најново е дека не се задоволни само од оставката на министерот Венко Филипче, туку и од премиерот Зоран Заев, што само по себе го докажува обидот на опозиционерите да ја политизираат трагедијата.