Во целата држава со многубројни музички манифестации и културни настани достојно се чествуваше и се одбележа Денот на независноста – 8 Септември.

Вечерната централна свечена прослава, богата со музички и видео-визуелни перформанси, на која се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски се одржа на платото кај паркот „Ибни Пајко“.

Премиерот Ковачевски истакна дека слободата и европските перспективи немаат замена, дека продолжуваме напред обединети и решителни за подобра иднина за сите граѓани и државата.

„Посебно, охрабрувам на политички план, сите да покажеме достоинствена почит кон предизвиците со коишто се соочени граѓаните и државата од глобалната криза и да се помогне во решенијата, наместо да се блокираат. Има време и до избори и за политиканство – но, сега не е тоа време!

Ние ја прифативме за своја водилка, прогресивната идеја за напредок преку обединување и затоа толку зборувам за оваа потреба и на домашен и на меѓународен план.

Ајде да продолжиме по патот на развојот!”, рече премиерот Ковачевски.

Денот на независноста на територијата на целата држава, во организација на Владата на Република Северна Македонија се славеше со музичка, детска програма во Градскиот парк кај „Школка“ во Скопје, со вежбовни активности од страна на припадниците на МВР и Армијата. Дополнително, беа отворени и вратите на повеќе културни установи, музеи и галерии низ државата, односно во Скопје, Битола, Тетово, Кичево, Охрид, Крушево, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Штип, Струмица.

Вчера рано изутрината, владина делегација, предводена од премиерот Ковачевски, одбележувањето на државниот празник го започна со оддавање почит и положување цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Премиерот Ковачевски и претставници на Владата присуствуваа и на церемонијата на традиционалното доделување на ордени од претседателот на државата Стево Пендаровски во вилата Водно.

Почитувани граѓани, нека ни е честит големиот ден, Денот на независноста – 8 Септември, да го славиме уште долги години заедно, сплотени и горди!